Со пријавен буџет од само 20 милиони долари, филмот Glass на M. Night Shyamalan има одличен почеток и во првиот викенд во САД заработи 40.5 милиони долари. Дополнително надвор од САД заработи околу 48.5 милиони долари, па за само 3 денови на прикажување, филмот веќе има вкупна заработка од 89 милиони долари. Во главните улоги се појавуваат Bruce Willis, Samuel L. Jackson, James McAvoy и Sarah Paulson. Иако претходно не беше најавено, филмот е дел од трилогија составена од Unbreakable од 2000-та година, Split од 2017-та година и актуелниот Glass од 2019-та година.

На второ место е филмот The Upside со Bryan Cranston, Kevin Hart и Nicole Kidman. Филмот овој викенд заработи околу 15.6 милиони долари, а има вкупна заработка од околу 48 милиони долари за 10 денови прикажување. Овој филм е преработка од францускиот филм The Intouchables.

На трето место е анимираниот филм Dragon Ball Super: Broly со заработени околу 10.6 милиони долари. Овој филм има интернационална заработка од 87 милиони долари. Aquaman заработи дополнителни 10 милиони долари и ја надмина линијата од 300 милиони во САД. Вклучувајќи ја и интернационалната заработка, Aquaman веќе има заработка од 1.063 милијарди долари. Spider-Man: Into the Spider-Verse заработи 7 милиони долари, а има вкупна заработка од 322 милиони долари. Во овој викенд ги очекуваме The Kid Who Would Be King и Serenity да се појават на листата.