Потекнувајќи од игра дизајнирана од Римјаните за да ги задржат своите легионери во форма за престојните битки, Calcio Storicо од денешна перспектива е еден од најнасилните спортови на Земјата. Познат и како Calcio fiorentino тој преставува рана форма на фудбал и рагби што потекнува од Италија од 16 век. Се смета дека спортот започнал да се игра во Пјаца Санта Кроче во Фиренца. Таму стана познат како giuoco del calcio fiorentino или едноставно Калчо, што денеска е синоним за италијанскиот фудбал.

Како претходник на современиот фудбал исто така дели многу сличности со американскиот фудбал и рагбито. Топката се носи како во рагби или американски фудбал, а потоа се фрла во еден од низата голови на оддалечената крајна страна на полето каде се наоѓа противничкиот тим. Она што го квалификува Calcio Storico како борбен спорт е тоа што за да се дојде до гол актерите во арената применуваат воени борбени вештини со далеку помалку заштита отколку во боречките спортови.

Тој не содржи заштита, а има и многу малку правила. Она што треба да се знае е дека противникот не смее да се нападне од зад грб, а нема ниту напад или удирање на противник кој е на земја. Останатото е слободен избор. Натпреварите траат 50 минути и се играат на поле покриено со песок. Белата линија го дели полето на два идентични квадрати, а секоја екипа има 27 играчи и не се дозволени замени за повредени или избркани играчи. Судијата е господар на теренот и е одговорен играта да тече без проблеми, но и да ја одржи дисциплината и да воспостави ред кога се случуваат тепачки.

Поради тоа што играчите се скоро без заштита, стапката на повреди по само еден меч е неверојатни 50 проценти! Мора да се напомене дека учеството во овој спорт е строго чин на страст , затоа што играчите за тоа не земаат пари.