Американскиот поп бенд Backstreet Boys активно се враќаат на музичката сцена. Откако пред 5 месеци го објавија својот прв сингл после 5 години и откако веќе некое време настапуваат во Лас Вегас во Planet Hollywood, сега најавија светска турнеа за во 2019-та година, а објавија и нов сингл насловен “Chances”. Песната е авторско дело на Ryan Tedder од OneRepublic и на Shawn Mendes.

За турнеата DNA World Tour 2019 најавени се дури 70 концерти, од кои дури 27 се во Европа, а останатите во САД и Канада. Турнеата ќе започне на 11-ти мај во Лисабон, Португалија, а европскиот дел ќе заврши на 25-ти јуни во Будимпешта, Унгарија. Северно-американскиот дел на турнеата ќе започне на 12-ти јули во Вашингтон, а ќе заврши на 15-ти септември во Њуарк, Њу Џерси. Оние кои ќе купат билети за северно-американскиот дел на турнеата, ќе го добијат и албумот DNA како подарок.