На вчерашната прес конференција, британскиот тенисер Енди Мареј објави дека во текот на оваа година ќе го напушти професионалниот тенис. Според него, засега е планирано најважниот тениски турнир Вимблдон да биде турнирот на кој ќе ја заврши кариерата, но исто така додаде дека можно е да заврши и веднаш после Australian Open кој започнува веќе во понеделник.

Причина за ваквата одлука е повредата на колкот, која што ја попречува неговата кариера веќе 18 месеци, иако во минатиот јануари имаше и операција. „Јас направив се што можеше да се направи за да се подобри состојбата на колкот, но сето тоа не помогна многу. Сега се чуствувам подобро отколку пред 6 месеци, но уште имам големи болки. Тешко е.“ – изјави Мареј.

Според изјавата на Мареј, за него постои уште една можност, односно нова операција која ќе биде потешка отколку претходната, но очекувањата се дека после операцијата ќе може да има поквалитетен живот од моменталната физичка состојба, а ќе се ослободи и од болките.