Откако од Disney најавија дека ќе тргнат со нов „живот“ на својата популарна филмска франшиза „Пиратите од Карибите“, повеќето фанови посочија дека тоа индиректно значи дека Џони Деп нема да се врати во култната улога на капетанот Џек Спероу. Вчера од продукцијата ова и дефинитивно го потврдија.

Шон Бејли, еден од шефовите во студиото, објави дека Деп ја напушта филмската франшиза. „Сакаме да внесеме нова енергија и да дадеме еден нов живот во продолжението. Со самото тоа што ги поканивме Пол Верник и Рет Рис да го пишуваат новото сценарио, сакаме тие да понудат нешто радикално ново, различно од сè досега“, изјавил Бејли.

Рис и Верник се докажаа како еден од најуспешните тандем во Холивуд, по изготвените сценарија за хитовите како „Zombieland“ и „Deadpool“.

Шпекулациите велат дека новиот херој ќе биде женски пират чие име е Ред.