Со заработени околу 70.25 милиони долари во изминатиот викенд, хоророт Us на режисерот Jordan Peele се најде на првото место на кино благајните во САД. Со ваквата заработка, Us се најде на третото место во категоријата на хорори со најголема заработка во првиот викенд. Пред него се само It од 2017-та со 123 милиони и ланскиот Halloween со 76 милиони долари. Уште еден рекорд на Us е дека има најголема заработка во првиот викенд помеѓу оригинални филмови во последните 10 години, не сметајќи ги анимираните филмови. На интернационалната сцена филмот засега има заработено скромни 16 милиони долари, но допрва ќе има премиера во поголемите држави.

На второто место е минатонеделниот шампион Captain Marvel со заработени околу 35 милиони долари. Captain Marvel досега има вкупна заработка од дури 910 милиони долари. Следуваат Wonder Park, Five Feet Apart, How To Train Your Dragon: The Hidden World, Tyler Perry’s A Madea Family Funeral. На седмото место се најде филмот Gloria Bell со заработени 1.8 милиони долари, во кој главните улоги ги играат Julianne Moore и John Turturro. Филмот Dumbo ќе ја има својата премиера во петок во кино салите во САД, а ние ќе може да го погледнеме веќе во четврток во Cineplexx.