Иако само со буџет деклариран на 9 милиони долари, хоророт The Curse of La Llorona се најде на врвот на кино благајните во САД. Во изминатиот викенд кој во САД беше велигденски викенд, филмот The Curse of La Llorona заработи околу 26.5 милиони долари. Филмот беше достапен и во интернационалните кино сали, па за период на прикажување од 3 денови има заработено околу 56.5 милиони долари. На второто место е минатонеделниот шампион Shazam! со заработени 17.3 милиони долари, односно вкупна заработка од 322.8 милиони долари.

На третото место е уште еден новитет, драмата Breakthrough со заработени 14.6 милиони долари и дополнителни 5.9 милиони надвор од САД. Captain Marvel се најде на четвртото место со заработени 9.1 милиони долари, а вкупната интернационална заработка е веќе над една милијарда долари, односно 1.089.526.133 долари. Во остатокот од првите 10, следуваат Little, Dumbo, Pet Semetary, Missing Link, Us и Hellboy.

За следниот викенд на врвот се очекува Avengers: Endgame кој премиерата во САД ја има во петок на 26-ти април, додека во Македонија ќе може да го погледнете и ден претходно, односно на 25-ти април. Со оглед на информациите дека во голем број на држави проекциите во првите денови од прикажувањето на филмот се целосно распродадени, се очекува заработка од досега невидени над 300 милиони долари во САД. Неговиот претходник, Avengers: Infinity War имаше заработка од 257.6 милиони долари во првиот викенд во САД. Infinity War во САД се прикажуваше од 28-ми април 2018 до 13-ти септември 2018 година. Има вкупна заработка од 2.048.359.754 долари.