Финансиските аналитичари составија список на најбогатите семејства во светот. На листата која ја објави Bloomberg се најдоа 25 семејства, чие комбинирано богатство се проценува на повеќе од 1,4 трилиони долари.

На првото место се членовите на семејството Волтон, кое поседува 50% удел во ланецот на супермаркети Walmart. Нивното богатство се проценува на 190,5 милијарди долари, што претставува зголемување во текот на годината за 39 милијарди. Експертите забележуваат дека сметките на Волтон секоја минута растат со по 70.000 долари.

Второто место е за семејството Марс, кое го наследи богатството на основачот на кондиторската компанија „Mars“, Френк Марс. Тие поседуваат 126,5 милијарди долари. Трети се браќата Дејвид и Чарлс Кохи, кои поседуваат акции во корпорацијата Koch Industries. Корпорацијата и нејзините подружници, особено, се вклучени во инвестиции, трговија, нафтена дејност и производство на хемиски производи. Богатството на семејството се зголеми за 25 милијарди долари во текот на годината до вкупни 125 милијарди долари.

На четвртото место е владејачката династија на Саудиска Арабија – Ал Сауд. Членовите на кралското семејство поседуваат богатство од 100 милијарди долари. Аналитичарите велат дека семејството вклучува околу 15.000 луѓе, па затоа може да биде дури и побогато отколку што е можно да се пресмета. Во ТОП 5 листата се и браќата Ален и
Жерар Вертхајмерс, кои ја поседуваат компанијата за парфеми „Chanel“. Нивното богатство се проценува на 57,6 милијарди долари.