Маргарет Тачер стана првата жена-премиерка на Велика Британија, но нејзиниот однос со кралското семејство (особено кралицата Елизабета) никогаш не можеше да се нарече добар. Во времето кога Тачер дојде на премиерската позиција, таа и кралицата Елизабета Втора беа најмоќните жени во земјата.

Кралицата честопати била иритирана од навиката на Тачер да доаѓа рано на нивните состаноци и средби и не ретко останатите присутни на приемите на кои се појавувале и двете слушале како кралицата за Тачер зборува како за „таа жена“. Во една пригода, кога Тачер предложила таа и кралицата да ги усогласат своите облеки, од Бакингемската палата добила одговор дека „кралицата не забележува што другите луѓе носат“.

Меѓу разликите на двете најмоќни жени на Островот е и прашањето за земјите на Комонвелтот. Додека тие беа и денеска се исклучително важни за кралицата Елизабета, истите за Тачер беа само застарена институција. Работите дошле и до „тивка војна“ меѓу двете дами, кога во 80-тите Кралицата сакала да наметне трговски санкции кон Јужна Африка како начин да се обедини Комонвелтот, а Тачер веднаш се спротивставила. Во 1986 година, пак, на насловната страница на весникот „Times“ се појави наслов: “Кралицата огорчена од  невниманието на Тачер“. Во написот имало и детали за големиот раздор меѓу нив. Од Бакингемската палата стигнал демант, а кралицата лично и телефонирала на Тачер. Ова навистина било збунувачко за уредникот на угледниот весник, бидејќи неговиот извор за приказната бил Мајкл Шеа, секретар за печат на кралицата. Беше незамисливо дека Шеа ќе зборува со печатот без кралско одобрение.

По смртта на Тачер во 2013 година, кралицата до последен момент ги држеше сите во неизвесност дали ќе оди на погребот или не. Одлуката ја донесе во последен момент, решавајќи да присуствува на нејзиниот погреб , иако тоа должноста од неа не го бараше.