Вчера заврши 35-то европско атлетско првенство во сала, кое се одржуваше во Глазгов (Велика Британија). Првенството се одржа од 1-ви до 3-ти март, учествуваа 637 претставници од 49 држави. Беа доделени медали во 26 дисциплини, а најуспешна репрезентација е онаа на Полска која успеа да освои најмногу златни медали односно 5. Златните медали за Полска го освоија Marcin Lewandowski на 1500 метри, Pawel Wojciechowski во скок со стап, Michal Haratyk во фрлање ѓуле, Ewa Swoboda на 60 метри и женската штафета 4×400 метри.

На второто место е домаќинот, репрезентацијата на Велика Британија со освоени 4 златни медали, но оваа репрезентација освои далеку најголем број на медали, односно 12 (4 златни, 6 сребрени и 2 бронзени). На третото место се најде репрезентацијата на Шпанија со освоени 3 злата, 2 сребра и една бронза. Вкупно 26 држави освоија медали. Необично е што репрезентациите на Германија и Франција не освоија ниту еден златен медал, иако се едни од најмоќните европски атлетски репрезентации. Две златни медали и една бронза освоија натпреварувачите од Русија кои засега настапуваат како „авторизирани неутрални спортисти“. Домаќин на следното издание ќе биде полскиот град Торун, а терминот е од 5-ти до 7-ми март 2021-ва година.