Со децении, Елија Ломбардо ги лови криминалците низ улиците на Неапол и други делови на Италија. И тоа трае повеќе од 20 години. За целиот тој период има акумулирано огромно искуство и архива на податоци за начинот на нивното однесување, карактеристики, навики и стратегии на обични крадци, џепароши, провалници. Во обид сето тоа свое искуство да го канализира во корисна алатка, италијанскиот инспектор го развива програмот XLAW , кој всушност е алгоритам кој може да предвиди злосторства на улица со прецизни индикации за местото, времето, географска област и видот на сторителот и жртвата. Полицијата веќе го користела овој систем во Неапол и Прато.

51-годишниот Ломбардо, вели дека клучот за развивање на овој алгоритам е промената на парадигмата кога се обидуваат да ги разберат механизмите на криминалот.

„Пред да користам статистички системи, ги лоцирав областите кои се најмногу погодени од одредена форма на криминал и испраќав патроли таму. Тоа е принципот што сè уште се користи во речиси сите земји во светот”, објаснува тој и додава: „Но, резултатите во превенцијата на криминалот не беа она што го барав.“

Искусниот инспектор кој научил да програмира успеал со многу труд да креира алгоритам кој може и до 91% со точност да предвиди дали одредена пријава за криминал е лажна или не, но и да предвиди злосторства на точни места, реони и локации.

„Искуствено знам дека некои кривични дела, како што се грабежи се предвидливи, бидејќи тие се рутински и обично се прават од професионалци. Тие избираат области каде што има повеќе простор за бегство или соодветни засолништа. Ние ги дефинираме како ловни реони. Покрај тоа, овие делинквенти обично ја планираат својата криминална активност според месечна привремена шема, како и секој обичен работник”, додава Ломбардо.

За подобри резултати од алгоритмот, тој го засилил со податоци од начинот на извршување на делата, како и одбраните места за дејствување.

„Во повеќето случаи има циклични фази на работење, како што е доаѓањето на возот или часовите за отворање и затворање на продавниците”, објаснува тој. Според него, повеќе од 85% од злосторствата извршени на одредена територија, ги имаат овие карактеристики.

извор: ElPais.com