Ги нарекуваат „тест настани“, а се одржуваат една година пред почетокот на Олимписките игри и се користат, за тестирање на трките, објектите, мерките за безбедност, со спортисти на прилично високо межународно ниво. Земјата домаќин, многу често и самата регрутира спортисти да дојдат на овие настани во форма на квалификувани „статисти“.

Јапонците кои се подготвуваат за ЛОИ во Токио 2020 година, веќе на големо почнаа да ги тестираат своите капацитети. Нешто слично како и во Рио 2016 година, и Токио е на пат да се соочи со големи проблеми околу организацијата на натпреварите во далечинско пливање на отворени води. Последните тестови на патеките каде е предвидено да се одржуваат овие натпревари предизвикаа загриженост кај организаторите, но, пред сè, кај спортистите.

Odaiba Marine Park, изминативе недели беше место на тестирање на патеките за далечинско пливање. За да се избегнат премногу високите температури, планираните десет километри беа преполовени и почнаа да се пливаат уште во 7 часот наутро. Но, по се изгледа, овој период во годината овде ниту тоа не е решение. Оусама Мелулу од Тунис, кој беше еден од учесниците на овие тест-трки вели дека се било во ред во првите два километра, за потоа да стане неподносливо во водата.

„Никогаш во мојот живот не сум пливал во толку топла вода. Ова беше неверојатно. Температурата на водата во моменти надмина и 30 степени, и имаше некој чуден мирис“, вели Тунижанецот.

Во 2017 година, некои бактериолошки тестови откриле високи вредности на Ешерихија коли. Примероците земени од водатата покажале дваесетпати повисоки вредности на оваа бактерија од безбедносните граници, додека оние на фекалните колиформни ги надминале границите за седумпати. Денес, според членот на медицинскиот комитет на ИОК, Дејвид Гера, новите трајни филтри поставени како колектори дале многу подобри резултати. Останува проблемот со температурата, па федерациите за пливање и триатлон најавија дека се подготвени да го преместат стартот на натпреварите од 7 наутро, за 5:30 или 6:30 часот.