Новиот филм Aladdin на компанијата Disney се најде на првото место на кино благајните во САД со заработка од околу 85 милиони долари за период од петокот до неделата. Американците овој викенд го празнуваат Memorial Day (27-ми мај) на кој оддаваат почит на луѓето кои загинале бранејќи ја државата. Новиот Aladdin е сниман со актери и голем број на компјутерски ефекти наспрема оригиналниот Aladdin од 1992-ра година кој беше целосно анимиран филм, во кој гласовите ги позајмија Robin Williams, Scott Weinger, Linda Larkin и други.

Aladdin доби оценка A од посетителите на првиот ден на прикажување, од кои 54% биле припаднички од женскиот пол, а од сите посетители 54% биле постари од 25 години. Aladdin и на светскиот пазар помина одлично заработувајќи 121 милиони долари, па вкупната заработка е веќе околу 207 милиони долари.

На второто место е шампионот од претходниот викенд John Wick: Chapter 3 – Parabellum со заработка на нови 24 милиони долари, па вкупната интернационална заработка е околу 175 милиони долари за околу 10 денови на прикажување. Третопласиран е Avengers: Endgame со заработени нови 16 милиони долари во САД. Досега Endgame има заработено вкупно околу 2 милијарди и 677 милиони долари, што е околу 111 милиони долари помалку од актуелниот рекордер Avatar. Според прогнозите, Endgame би требало да го престигне Avatar за околу 3-4 седмици.

На 4-то место се најде новитетот Brightburn со заработени 7.5 милиони долари, а по него следуваат Booksmart, A Dog’s Journey, The Hustle, The Intruder (2019) и Long Shot.

За следниот викенд Warner Bros се надеваат дека ќе се искачат на врвот благодарејќи на Godzilla: King of the Monsters кој во САД има премиера во петок. За пониските позиции ќе се борат и филмовите Ma и Rocketman.