Играчот од средниот ред на хрватската фудбалска репрезентација и Реал (М), Лука Модриќ, ја доби наградата на ФИФА за фудбалер на годината за 2018 година.

33-годишниот Модриќ ја однесе својата репрезентација до големото финале на Мундијалот во Русија, а со Реал (М) и третпат едноподруго ја освои Лигата на шампионите. Во трката за оваа награда, Хрватот ги победи португалската ѕвезда Кристијано Роналдо и египетскиот репрезентативец од Ливерпул, Мохамед Салах. Модриќ ја доби наградата од претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, на церемонијата во Лондон, на која беа објавени сите годишни награди.

„Голема чест е за мене да бидам тука меѓу вас со оваа специјална награда. Сакам да им честитам на Мохамед и Кристијано за одличните сезони, кои ги имаа. Оваа награда не е само моја, таа е за соиграчите во Реал Мадрид и за оние во репрезентацијата на Хрватска, како и за сите тренери со кои сум работел. Овој трофеј е и за моето семејство, без кого немаше да сум овој човек и овој играч. Им благодарам и на моите фанови низ целиот свет за извонредната поддршка“, рече Модриќ откако ја прими наградата.

Бразилската репрезентативка Марта по шестипат ја доби наградата за најдобра фудбалерка.

Селекторот на Франција, Дидие Дешамп, кој го искачи францускиот национален тим на врвот на светот по триумфот на СП во Русија е прогласен за најдобар тренер, додека голманот на белгиската репрезентација Тибо Куртоа ја доби наградата за најдобар голман.