Претставници на Министерството за култура, спорт и туризам на Јужна Кореја уште еднаш ја потврдиај решителноста да испратат заедничка кандидатура со Северна Кореја за организација на најголемиот спортски настан – Летните олимписки игри 2032 година.

Како што најавија и двете страни, тие се подготвени да конкурираат за организација на игрите по 14 години.

„Првично, планиравме да поднесеме апликација уште во јануари, но Северна Кореја не успеа да го потврди распоредот определен од порано. Сега претседателот на ИОК, Томас Бах, ги покани претставниците на двете земји да го посетат седиштето на организацијата во средината на февруари, кога веројатно ќе биде поднесена апликацијата“, велат од Јужна Кореја.

Да потсетиме дека на ЗОИ во Пјончанг оваа година, Северна и Јужна Кореја имаа заеднички женски хокеарски тим. На отворањето на Игрите, делегациите на двете држави поминаа под едно знаме.

Индонезија, Индија и Аргентина, исто така, изразија интерес за организација на Летните олимписки игри 2032 година. Земјата која ќе биде домаќин на Игрите ќе биде објавена во 2021 година.