Оние кои ги следат фудбалските прилики во европскиот фудбал, веројатно останаа затечени од она што во новата сезона се случува со француски Монако. Клубот кој во изминативе три-четири години ги прослави најдобрите денови од фудбалското живеење во рамките на европскиот клупски фудбал, оваа година е очаен. Смени еден, па втор тренер, го донесе Анри, купи многу нови имиња, но и дел продаде. Како и да е, работите тешко одат на подобро.

Францускиот новинар Антоан Бурлон, кој со години ги следи случувањата во клубот од кнежеството, открива детали за вистинската состојба и проблеми во клубот, поради кои Монако годинава не е оној на кој навикнавме во последните неколку сезони.

„Постојат некои недоразбирања меѓу менаџментот и луѓето кои го опкружуваат клубот. Политичарите во Монако прават сé за да го принудат сопственикот Риболовљев да го продаде клубот. Ситуацијата стана особено акутна по приказната за продажба на слики на Да Винчи за рекорден износ. Исто така, тие не се задоволни и со работтата на заменик-претседателот Вадим Василиев. Има многу гласини за негова врска со агентот Мендеш, кој прави рекордни трансфери и добива ненормални бонуси. Принцот Алберт Втори не е во добри односи со Русите, а тој е исто така и косопственик на клубот. Има пристап до сè, но не може да влијае на главниот сопственик, иако упорно се обидува, па дури и преку некои свои канали. Потешкотиите започнаа кога кнезот замолил Луј Дакрут, син на Стефани од Монако, да влезе меѓу управувачите во клубот, но Русите рекле не. Ситуацијата за Риболовљев не е лесна, но клубот е многу важен за него“, вели Бурлон.