Малото ледено доба од 16 – 17 век имаше силно влијание врз развојот на човештвото. Доволно е да се каже дека глобалните климатски промени беа една од причините за појавата на т.н. Големата глад која ја опфати цела Европа, а беше причина и за пад на неколку светски династии.

Многу научници како причина за појавата на ова ледено доба ја споменуваат ерупцијата на вулканот Хуајнапутина во јужен Перу. Сепак, група научници од Универзитетскиот колеџ во Лондон , предводена од Александар Кох, смета дека нивните колеги го потцениле влијанието на уште еден моќен фактор, кој е еднакво битен за појавата на овој период на студ и глад. Станува збор за колонизацијата на Америка од страна на Европејците што доведе не само до исчезнување на 90 проценти од домородното население во Новиот свет, туку и до појава на глобална еколошка катастрофа.

Изучувајќи различни податоци, истражувачите дошле до заклучок дека во времето на откривањето на Америка од страна на Колумбо во 1492 година, населението во Јужна и Северна Америка изнесувало околу 60,5 милиони луѓе (за споредба, во Европа во 16 век имало околу 80 милиони луѓе). Значаен дел од американските домородци активно се занимавале со земјоделство. Научниците веруваат дека по глава на жител биле искористени 1,04 хектари земјиште. Излегува дека вкупната бројка е споредлива со површината, која денес е посеана во една Русија (80 милиони хектари). Проучување на тогашното земјоделство покажува дека домородците интензивно користеле денешни шумски делови за земјоделие, кои откако Европејците го зазедоа овој дел од светот, биле запалени, по што имало големи емисии на јаглерод диоксид , што дополнително го разгоре ефектот на стаклена градина.

Според истражувачите до 90 проценти од домородното население во Америка било убиено за 100 години колонизација, па бројот на Индијанци се намалил од 60 на само 6 милиони.

„Уништувањето на домородното американско население како резултат на епидемии доведе до значително намалување на земјоделската активност. Околу 56 милиони хектари земјиште беа напуштени. Овие територии беа брзо обраснати со шуми, кои активно апсорбираа атмосферски јаглерод диоксид. Имаме докази дека концентрацијата на CO2 во воздухот во овој период на планетава била значително намалена. Ова се гледа и по ледени јадра, кои истражувачите ги дупчат на Антарктикот. Факт е дека примерокот земен од длабочините на мразот може да содржи информации за стотици и илјадници години на историјата на планетата“, вели Кох.

По анализата на сите овие податоци, Александар Кох и неговите колеги дојдоа до заклучок дека масовната смрт на Индијанците во Америка придонесе за почетокот на најстудената фаза на малото ледено доба на целата планета. Уште еднаш се покажа дека скоро сите работи на планетава меѓусебно се многу поблиску поврзани, отколку што нам ни изгледаат на прв поглед.