Во САД, каде има безброј цркви и типови на религии, за атеизмот велат дека изгледа како некоја форма на бунт. Затоа, многумина во него гледаат едноставна фаза што минува во одреден момент. И кај супер-популарните холивудски имиња кои се декларираа како атеисти, очигледно оваа фаза минува во одреден период од животот, а за тоа најнов пример е и Бред Пит.

Актерот кој со години се декларираше како атеист, во последно време почна да ја менува позицијата. Во своето последно интервју за GQ, актерот зборуваше за (меѓу другото) неговите религиозни погледи и верувања. Холивудската ѕвезда објаснува како „поминал сè“ во однос на религијата и коментира дека сега се држи до верата, иако е далеку од стереотипното христијанство.

„Јас пораснав со христијанството. Секогаш го ставав како дел од мојот живот, иако на моменти бев надвор од тоа. И тогаш, кога бев сам, го оставив целосно и се нареков себеси агностик. Се обидував со некои духовни работи, но не ги чувствував како што треба. Потоа по некое време се нареков себеси атеист, исто како чин на бунт. Но, јас не бев навистина атеист. Сепак, се дефинирав како таков некое време. Се чувствував доволно панк“, вели Бред Пит.

Во последниве години објаснува дека работите се смениле и чувствувал дека полека им се враќа на своите верувања.

„Мразам да го користам зборот духовен, но верувам дека некако сите сме поврзани“, вели тој.