Италијанецот кој скоро 30 години живее сам на напуштениот остров недалеку од Сардинија, властите во Италија сакаат да го вратат назад во Модена. На 79-годишниот Мауро Моранди, кој важи за неофицијален чувар и туристички водич на островот Будели, му се заканува принудно иселување, затоа што италијанските власти решиле неговиот остров да го прогласат за Национален парк.

Поранешниот наставник по физичко образование, кого италијанците го нарекуваат модерниот „Робинсон Крусо“, дошол на островот во 1989 година со тројца свои пријатели и партнерката додека бил на пат за Полинезија. Посакувајќи да побегне од модерниот начин на живот, сакал да замине на напуштен остров во Полинезија, но својата Полинезја всушност ја пронашол на Будели.

На почетокот, Моранди и неговото друштво, го прифатиле предизвикот да бидат чувари на островот, но неговата партнерка и двајца од пријателите решиле да си заминат. Во 1993 година починал и третиот негов пријател, по што Мауро останува сам. Во 2014 година, островот со еден дел станува Национален парк, а неговата управа најави дека ќе го урне сето она што Моранди го градел како свој дом на островот. Мауро, пак, се огласи преку медиумите изјавувајќи дека ни по цена на животот нема да се врати во Модена.

„Да го трошам времето седејќи на кафе и одејќи на куглање? Нема шанси. Тоа не е за мене“, изјавил 79-годишниот за магазинот „Resto del Carlino“.