Европската атлетска федерација ги избра најдобрите европски атлетичари. На церемонијата “Golden tracks” која се одржа во Талин (Естонија), беа избрани најдобрите во 4 категории.

Во категоријата за најдобар атлетичар беше избран Karsten Warholm од Норвешка кој годинава беше непобеден во 17-те трки во кои учествуваше. Ја освои европската титула во сала на 400 метри, ја освои светската титула на 400 метри со пречки, ја освои титулата на 400 метри со пречки во Дијамантската лига, го изедначи европскиот рекорд во сала на 400 метри, а на три пати го соборуваше европскиот рекорд на 400 метри со пречки на отворено. Неговиот најдобар резултат оваа година од 46.92 е втор резултат на сите времиња во светот.

За најдобра атлетичарка е прогласена русинката Mariya Lasitskene, која настапува во дисциплината скок во височина. Таа ја освои светската титула на отворено, европската титула во сала, победник е на Дијамантската лига, победник е на Светските воени игри, го има најдобриот резултат во годината, а победи на 22 од 24 натпревари на кои настапи оваа година.

Во категориите на најнадежни атлетичари, победници се германецот Niklas Kaul и украинката Yaroslava Mahuchikh. Niklas Kaul ја освои светската титула во десетобој во Доха, а претходно ја освои европската титула во категорија на атлетичари до 23 години и тоа со европски рекорд за таа возрасна категорија. Yaroslava Mahuchikh освои сребро во скок во височина на светското првенство во Доха, ја освои европската титула во возрасна категорија до 20 години, а два пати го рушеше светскиот рекорд за атлетичарки до 20 со резултати од 2.02 метри и 2.04 метри.