Вчера на 66-годишна возраст почина R&B пејачот James Ingram. Засега нема податоци за причината на смртта на Ingram. Тој беше роден во градот Акрон во сојузната држава Охајо во САД. Пред започнувањето на неговата соло кариера, тој настапувал со бендот Revelation Funk со кој се појавил и во филмот Dolemite. Свирел на клавијатури за Ray Charles. Во својата кариера има добиено две Греми награди. Во 1981-ва година ја доби Греми наградата за песната “One Hundred Ways” во категоријата за Најдобар машки R&b пејач. Три години подоцна ја добива Греми наградата во категоријата за Најдобро R&B дуо или група заедно со Michael McDonald за песната “Yah Mo B There”.

Ingram има и две номинации за Оскар во категоријата за Најдобра оригинална песна и тоа во 1993-та за “The Day I Fall in Love” која беше користена во филмот Beethoven’s 2nd, како и следната година за “Look What Love Has Done” која беше користена во филмот Junior.

Ingram имаше два број 1 хитови на официјалната американска топ листа со песните “Baby Come to Me” која ја отпеа како дует со Patti Austin во 1983-та година и во 1990-та година со песната “I Don’t Have the Heart”. Имаше уште 7 други хитови во топ 10, а компонираше песни за пејачи како Michael Jackson, Pointer Sisters, George Benson, Ray Charles и други.