Европските фудбалски гиганти и покрај сите критики од националните фудбалски федерации и лиги, сепак, ќе успеат да ја протуркаат идејата за креирање на првенство во кое ќе членуваат само најбогатите. Проектот наречен европска Суперлига, која најверојатно ќе ја наследи Лигата на Шампионите, најверојатно ќе стартува уште во 2021 година.

Германските медиуми излегоа со тврдење дека поседуваат документација разменета меѓу најголемите европски фудбалски гиганти од која се гледа дека формирањето на Суперлигата е само прашање на време.  Според тврдењата, ова ново европско првенство ќе стартува од 2021-та година, а во него отпрво ќе се најдат 16 тима.

Планот е 11 од нив ќе бидат постојани и тоа се Реал Мадрид, Барселона, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Ливерпул, Челзи, Арсенал, Јувентус, Милан, Баерн (М) и ПСЖ, а останатите 5 да се менуваат секоја година, според квалитетот. Меѓу оние кои се најсериозни кандидати да влезат во елитното друштво уште првата година се и Атлетико Мадрид, Борусија Дортмунд, Марсеј, Интер и Рома. Можно е да има и втора лига од која ќе се влегува во елитата.

извор: Spiegel.de