Мауро Икарди минатата сезона беше најдобриот стрелец во Италија, фаворит на навивачите и требаше да потпише договор со клубот до 2023 година. Сега играчот останува без капитенската лента, има неизвесна судбина, навивачите го мразат, а Интер е во потрага на купувач за него. Најголемиот дел од обвинувањата за оваа состојба во која се најде аргентинскиот голгетер одат на адреса на неговата сопруга, Ванда Нара. Но, ако добро ја погледнеме историјата на оваа двојка, Ванда и не изгледа како грешка во изборот на Мауро за свој агент. Барем тоа го зборуваат бројките.

Во мај 2014 година, Икарди и Ванда се венчаа, што предизвика уште поголем скандал. Напаѓачот го загуби своето место во аргентинската репрезентација, а Ванда се соочи со хакери кои влегоа во нејзиниот телефон и објавија секс-клип, по што Нара беше преставена како порно ѕвезда.

Но, Ванда и покрај неколкуте скандали во кои можеби и го раздрма името на Мауро во фудбалскиот свет, како агент го направи својот маж еден од најдобро платените во оваа бранша. На првите состаноци со партнери кои сакаа да инвестираат во Мауро, Ванда доаѓала со адвокат и асистент, но брзо ја совлада „уметноста на преговорите“ во фудбалскиот свет и од 2015 година почна сама да ги управува работите со иднината на својот сопруг.

Благодарение на Ванда, приходите на Икарди двојно се зголемија. Првиот агент во 2013 година му донесе договорот на Икарди со Интер за само 900.000 евра годишно, а кога Ванда ја презеде оваа улога, нејзиниот сопруг стана најплатениот играч на „нероаѕурите“, добивајќи 3,6 милиони евра годишно. Една година подоцна, Ванда Нара успеа да „избоксува“ зголемување од уште еден милион годишно.

Заслуга на Ванда е и тоа што Мауро доби рекламни договори со исклучителни брендови по неверојатни цени. Имено, Икарди откако Ванда му е агент склучи ексклузивен договор со Nike до 2027 година, а има „дебели“ договори и со Dolce & Gabbana, Pepsi и Philipp Plein. Семејството на играчот купи замок во Милано, а самиот напаѓач делеше Rolex часовници за секој свој тимски колега.

Неодамна Ванда ја доби награда „Сократ“ за нејзините достигнувања во областа на слободата на говорот. И покрај сите напади кон неа, таа е сигурна дека ќе издејствува нов, уште подобар договор за својот сопруг, но останува да се види дали тоа ќе се случи во Италија, или во некој друг дел од светот.