По археолошки ископувања во централниот дел на Кина е пронајден антички бронзен сад стар околу 2000 години. Според верувањата на древните Кинези, течноста која била во него се користела за „бесмртност“.

Садот бил пронајден за време на ископувањата во градот Луојанг, во провинција Хенан. Наводно, датира од времето на Западното Ханско царство, кое постоело од 202 п.н.е. до 8 н.е. Освен него, глинени садови биле пронајдени и во еден гроб.

Во садот имало околу 3,5 литри течност која личи на вино . Анализите покажале дека истата се состои од калиум нитрат и алуминиумски камен, познат како алунит. Истражувачите велат дека според таоистичките текстови истиот состав бил користен како “еликсир на бесмртноста”.

Треба да се напомене дека калиум нитратот денеска е широко користен во прехранбената индустрија како конзерванс Е252. Особено се користи од страна на производителите на месни производи за да се зачуваат својствата. Алунитот, пак, има антисептички својства и се користи во медицината уште од античко време. Во моментов се користи во производството на дезодоранси.