Кинескиот гигант Xiaomi претстави два нови модели на телефони и тоа Xiaomi Mi Mix 2 и Xiaomi Mi Note 3. Моделот Mi Mix 2 го следи трендот на екрани од раб до раб, има добри спецификации, но и некои можности кои недостасуваат. На прва, недостасува заштита од вода, нема безжично полнење, а го нема ни конекторот за слушалки. Сепак телефонот има добри карактеристики. Станува збор за 6 инчен дисплеј со резолуција од 2160 на 1080 пиксели, моторот е процесорот Snapdragon 835, има 6GB работна меморија, внатрешна меморија од 64GB, 128GB или 256GB, нема можност за мемориска картичка, батеријата има капацитет од 3400mAh.

Xiaomi Mi Mix 2 Special edition

Задната камера има 12 мегапиксели, а предната 5 мегапиксели. Телефонот има и подобрена верзија, а разликата е во работната меморија која е 8GB, но има само една опција од 128GB внатрешна меморија. Основната варијанта ќе се продава само во црна боја, а верзијата Special Edition ќе биде достапна во црна и во бела боја. Засега не е познато кога точно ќе започне да се продава телефонот, но познати се цените. Mi Mix 2 со меморија од 64GB ќе се продава околу 506 долари, со меморија од 128GB ќе се продава за околу 552 долари, а телефонот со меморија од 256GB би бил со цена од околу 614 долари. Special Edition моделот се очекува да биде со цена од 720 долари.

Xiaomi Mi Note 3

Телефонот Mi Note 3 е од пониска класа и има послаби перформанси. Екранот е со димензија од 5.5 инчи, процесорот е Snapdragon 660, има 6GB работна меморија и внатрешна меморија од 64 односно 128GB. Телефонот има двојна камера на задната страна со резолуција од 12 мегапиксели за двете леќи. Предната камера има дури 16 мегапиксели и според производителот, прави одлично selfi фотографии. Телефонот има алуминиумска рамка со стаклена задна страна. Батеријата има капацитет од 3500mAh, постои и NFC чип, инфра-ред сензор, како и стерео звучници. Телефонот има сензор за отпечаток на прст, користи USB Type-C за конектирање на телефонот и полнење на батеријата. Цената на телефонот започнува од 385 долари за моделот со 64GB меморија, 445 долари за моделот со 128GB меморија, односно 460 долари за моделот во сина боја. Xiaomi не објави датуми за почеток на продажбата на телефонот.

Xiaomi Mi Note 3