Во 2008-ма година, HTC го произведе првиот телефон со Android оперативен систем и стана еден од најпроминентните производители на мобилни телефони. Меѓутоа, во последните години тајванската компанија и нема хит телефон. Како што се зголемуваат финансиските загуби на оваа компанија, така се зголемуваат гласините дека Google ќе го откупи бизнисот на паметни телефони од HTC.

Според магазинот Commercial Times, Google и HTC се во завршната фаза на преговорите кои би резултирале со купување од страна на Google. На маса биле две опции: директно купување на делот за паметни телефони или да Google стане стратегиски партнер. Засега овие преговори не се потврдени, но лошата финансиска ситуација на HTC е јавно позната. Ситуацијата е толку лоша што профитот во август е на најниско ниво во последните 13 години, а е дури 50% послабо од истиот месец минатата година. Надеж за подобри резултати беше новиот модел U11, но заинтересираноста е многу намалена, па резултатите се очекува да бидат уште полоши.

Не е првпат Google да спасува ваква компанија, односно во 2011-та година дотрча на помош на Motorola која беше во слична ситуација како што е сега HTC. Google успеа да ја врати Motorola на добар пат, а отпосле ја продаде на Lenovo за многу помалку пари отколку што ја купи, но ги задржа правата врз патентите. Останува да видиме дали HTC ќе може да спаси од пропаѓање.