Конечно дојде денот кога една од најпознатите компании во светот ги претстави своите нови производи, па сега многумина можат да воздивнуваат на достигувањата на оваа компанија која пред 10 години беше иноватор и презентер на нови технологии. На вчерашната презентација која се одржа во седиштето на Apple во Cupertino, California, оваа компанија ги претстави iPhone 8, iPhone 8 Plus, iPhone X, Apple Watch 3 и новата верзија на Apple TV.

iPhone 8 и iPhone 8 PlusiPhone 8 и iPhone 8 Plus

Доколку сакате да видите нешто поново од презентираните производи, слободно скокнете ги „новите“ iPhone 8 и iPhone 8 Plus бидејќи во споредба со ланските iPhone 7 и iPhone 7 Plus не нудат скоро ништо ново. Разликите со претходната генерација се неприметливи и за прв пат Apple во новата генерација на телефонот не нуди буквално ништо ново. Цените за овие телефони во САД ќе бидат 699 долари и 799 долари за најслабиот капацитет од 64GB.

Apple iPhone X

Главниот прозвод на оваа презентација и уредот кој привлече најмногу внимание е третиот телефон кој што Apple го презентираше вчера, а тоа е iPhone X. За првпат компанијата презентира три телефони одеднаш. Нека не ве изненади ознаката “X” која означува 10 години од појавувањето на првиот iPhone, a и при самата презентација, моделот беше нарекуван iPhone 10. Дали тоа значи дека догодина Apple ќе го скокне моделот 9, останува да видиме. iPhone X е можеби телефонот кој требаше да биде претставен како единствен модел со оглед на спецификациите на iPhone 8 и iPhone 8 Plus. Со iPhone X, Apple конечно го фаќа возот на новите трендови кои што ги поставуваат други компании.

Apple iPhone X

Најнапред да ве запознаеме со цената, која во САД ќе биде 999 долари и претставува најскапиот iPhone досега. Телефонот има екран со многу мали рамки од страните, а е со дијагонала од 5.8 инчи. За првпат Apple користи OLED технологија кај дисплејот па ќе може малку да се приближи до квалитетот на Super AMOLED екраните на Samsung. Apple продолжува да користи нестандардни резолуции кај своите телефони, па на овој модел ќе имаме резолуција од 2438 на 1125 пиксели.

Apple iPhone X

Уште еден новитет кој за првпат се случува кај iPhone моделите е немањето на Home копчето. Со немањето на тоа копче, веќе не постои можноста за отклучување на телефонот со отпечаток на прст, туку Apple се префрла на технологијата за препознавање на ликот, нешто што други компании го користат од претходно.

Apple iPhone X

Телефонот на задната страна има две фото леќи кои се со резолуција од 12 мегапиксели. Се очекува фотографиите сепак да бидат едни од најдобрите помеѓу конкурентите.

iPhone 8 и iPhone 8 Plus ќе може да се нарачаат веќе од 15-ти септември и ќе бидат достапни во продажба од 22-ри септември. Моделот iPhone X ќе може да се нарача од 27-ми октомври, a во продажба ќе се најде од 3-ти ноември.

Apple Watch 3

Apple го претстави новиот Apple Watch – верзија 3. Најголемиот новитет кај новиот модел е можноста за конектирање на мобилните мрежи, па нема да морате да го користите својот iPhone за таква цел. Опцијата која што ја воведе Apple кај новиот модел, постои кај други паметни часовници од други производители. Цената ќе биде од 399 долари, а 329 долари за варијантата без можност за конектирање на мобилните мрежи.

Apple TV 4K

Кај новиот Apple TV 4K, главната новост е резолуцијата која што ја поддржува уредот, односно Apple конечно од Full HD (1080 пиксели) ќе скокне на 4K. Можеби главното изненадување во овој производ е што Apple реши бесплатно да ги надгради во 4К резолуција оние филмови кои корисниците ги имаат претходно купено. Ова е голем чекор за компанијата, која скоро никогаш не нуди нешто бесплатно.