Европската фудбалска централа (УЕФА) почна истрага против францускиот фудбалски тим ПСЖ за нарушување на финансискиот фер-плеј. Од канцеларијата на УЕФА објавија и официјално дека постапката веќе е покрената, а причината е рекордната сума од 222 милиони евра, која беше платена за ангажман на Нејмар од Барселона.

Покрај тоа, францускиот тим го донесе на позајмица и Килијан Мбапе од Монако со опција да го купи по една година за 180 милиони евра. Во исто време ПСЖ оствари само три продажби – Серж Орие во Тотенхем за 23 милиони евра, Блес Матуиди во Јувентус за 20 милиони и Жан-Кевин Огустен во Лајпциг за 13 милиони евра.

Од УЕФА соопштија дека истрагата ќе трае неколку месеци.

„Истражниот оддел на комисијата за финансиска контрола ќе одржи редовни состаноци за да може внимателно да се процени целокупната документација поврзана со овој случај“, се вели во соопштението.

УЕФА смета дека финансискиот фер-плеј е клучен механизам кој има за цел да обезбеди финансиска одржливост на европскиот клупски фудбал. ПСЖ веднаш излезе со одговор и најави дека раководството на клубот е многу изненадено од “овој поход”. ПСЖ тврдат дека постојано ги информирале луѓето од УЕФА за финансиското влијание на трансакциите извршени ова лето, иако “клубот не е должен тоа да го прави”.

„Клубот е исклучително уверен во способноста да докаже дека ги почитува целосно правилата на финансискиот фер-плеј за фискалната 2017-2018 година“, се вели во соопштението на ПСЖ.