Од денеска, повторно им се враќаме на вистинските фудбалски уживања. Лигата на шампионите се враќа со нова, да се надеваме, уште поатрактивна сезона. Најдобрите тимови вечерва ги имаат првите меѓусебни пресметки во групната фаза, а стартот на натпреварите и оваа сезона останува ист – 20.45 часот.

Во пресрет на првите мега-пресметки, еве некои детали кои треба да ги знаете пред да почне новата сезона 2017/18 во најсилното клупско натпреварување на планетава:

 

Θ Годинава, Лигата на шампионите под капата на УЕФА се организира по 63. пат. Во новиот формат на натпреварување ова ќе биде 26-та сезона.

Θ Реал Мадрид тргнува кон трет трофеј едноподруго, откако стана првиот тим, кој минатата година успеа да го „одбрани“ големиот пехар со „уши“. „Кралевите“ се најдоа во интересна група со Апоел Никозија, Борусија Дортмунд и Тотенхем, која навистина ветува дека ќе гледаме многу интересни дуели во секое ново коло.

Θ Манчестер Јунајтед, Челзи и Ливерпул се враќаат во Лигата на најбогатите, по мала пауза. „Црвените ѓаволи“ се во група со стари познаници – Бенфика и Базел. Последниот пат кога Јунајтед беше со овие два тима во иста група, заврши трет и испадна од Лигата на Шампионите,.

Θ Несомнено, дербито на вечерта (денеска) е мега-пресметката меѓу Барселона и Јувентус. Двата тима ќе се сретнат еден против друг во реприза на финалето од 2015 година, кога каталонците стигнаа до трофејот по победата од 3:1. „Старата Дама“ делумно им се реваншираше лани со елиминацијата на каталонците во четврфиналето.

Θ Како и секоја година, така и оваа, компанијата за спортска опрема „Adidas“ направи нова, специјална, топка со која ќе се играат натпреварите на најсилниот европски фудбалски турнир. Топката беше преставена уште минатиот месец.

Θ Сума од 1,31 милијарди евра ќе подели УЕФА како награден фонд за учесниците во Лигата на шампионите оваа сезона. Секој од 32-та тима кои обезбедија место во групната фаза на ЛШ ќе инкасира најмалку 12,7 милиони eвра. Новиот европски шампион, според проценките, се очекува да заработи најмалку 57 милиони евра.

Θ Легендарниот голман на Реал (М), сега на Порто, Икер Касиљас, е се уште рекордер по бројот на одиграни натпревари во ова најквалитетно клупско натпреварување. За двата споменати клуба Касиљас има 164 настапи. Втор на листата е легендарниот Чави од Барселона со 151 настап. Кристијано Роналдо моментно е петти на вечната листа со 140 настапи, но со реални шанси по годинешнава сезона да се пробие на 3. место на вечната листа.

Θ Само три екипи успеале во својот дебитантски настап во ЛШ да дојдат до европската титула. Тоа им успеа на Олимпик Марсеј во 1993, Ајакс 1995 и Јувентус 1996 година.

Θ Од сезоната 2007/2008, па до лани, само две имиња ја освојуваа наградата за најдобрите стрелци во ЛШ, Кристијано Роналдо и Меси. Роналдо беше „златна копачка“ во ЛШ шестпати, додека Меси петпати.

Θ Гонзало Игуаин минатата година во дресот на Јувентус го постигна јубилејниот 7500 гол во ЛШ. Прашање е кој ќе го постигне 7600 гол оваа сезона?

Θ Пред две сезони се одигра мечот со рекорден број на погодоци – 12. Тоа беше дуел меѓу Борусија (Д) и Легија кој заврши со неверојатни 8:4 за Германците.

Θ Реал (М) и Ливерпул се рекордери во категоријата на најубедливи победи. „Црвените“ во 2007 го совладаа Бешикташ со 8-0, а пред две сезони Реал (М) тоа го повтори на меч со Малме.

Θ Финалниот меч од годинешното издание на Лигата на шампионите ќе се одигра на 26 мај 2018 година на „Националниот стадион“ во Киев, Украина.