Бразилските и француските власти објавија дека откриле меѓународна корупциска шема за купување на гласови за доделување на Летните олимписки игри во 2016 година на бразилскиот град Рио де Жанеиро. Операцијата довела до претрес на станот на Карлос Алберто Нузман, шеф на Бразилскиот олимписки комитет и претседател на Комисија за организирање на игрите во Рио. Бразилската полиција влегла во неговиот стан и го конфискувала неговиот пасош.

Полицијата влезе и во седиштето на Бразилскиот олимписки комитет. Запленети се документи кои допрва ќе се вештачат. 75-годишниот Нузман по претресот на полицијата бил изведен пред обвинител на сослушување.

Според бразилската полиција има силни индикации дека Нусман интервенирал при купување на гласовите на африкански членови на Меѓународниот олимписки комитет, за да биде избран Рио за домаќин на игрите во 2016 година. Нузман е обвинет дека се обидел да помогне при купувањето на гласот на Лами Диак, поранешен шеф на Меѓународната асоцијација на атлетски федерации и поранешен член на Меѓународниот олимписки комитет. Нузман е обвинет дека воспоставил врски меѓу бразилски компании низ кои минувале парите за купување на гласовите и разни членови на Меѓународниот олимписки комитет.

Истрагата за случајот започна пред девет месеци и во неа бразилските иследници заедно со инспектори од Франција, Антигва и Барбуда ги „чешлат“ сите документи и бараат врска со патот на парите. Во рамките на истрагата беа издадени 11 налози за апсење на луѓе во Бразил и во Франција.

Нузман е поранешен одбојкар и шеф на Бразилскиот олимписки комитет во текот на последните 20 години. Интересно е што по Игрите во Рио влезе и во комисијата за координирање на Игрите во Токио во 2020 година, каде треба да дава совети за подготовките на настанот.

Инаку, Рио стана организатор на Игрите во 2016 година пред осум години во Копенхаген. Тогаш се избираше домаќин меѓу Рио, Чикаго, Мадрид и Токио. Чикаго беше најдобро подготвениот град од сите, но беше елиминиран во првиот круг на гласањето. Во директниот дуел, Рио го победи мадрид со 66, наспроти 32 гласа.