Деновиве светот е во шок од разурнувачката моќ на ураганот Ирма и штетите и жртвите кои ги зеде во еден дел од светот. Поплавите кои се случија во неколку други делови на планетава (па и кај нас минатата година) се само дополнително предупредување дека природата знае да биде сурова и безмилосна кон човештвото. Во продолжение го имаме ТОП 3 изборот на најголемите поплави кои се случиле во минатото и кои однесоа милиони животи на планетава.

 

  1. Поплавата на Жолтата река

Хоангхо или попозната како Жолтата река одамна е подложна на поплави. Обилните дождови во комбинација со надморската височина и лошиот слив на реката честопати предизвикуваат поплави. Во обид да ги заштитат своите посеви, земјоделците околу реката имаат изградено насипи долж двете страни. Сепак, ниту тие не успеваат да ја задржат водата во коритото. Најголемата поплава предизвикана од излевање на Хоангхо се случи во далечната 1887 година, кога беа поплавени 13.000 квадратни километри од провинцијата Хенан, уништени 11 големи градови и стотици населени места, а животите ги загубија 900.000 луѓе. Уште 2 милиони останаа без покрив на главата. За само неколку часа, велат записите, водата во реката се искачила на ниво на едно огромно езеро слично на она во Онтарио, поплавувајќи се пред себе.

 

  1. Ханои и Црвената река

Виетнамскиот главен град Ханои во 1971 година беше поплавен откако делтата на Црвената река се излea. Трите нејзини притоки кои влегуваат во главниот град и околината поплавија четири провинции и направија штета од над 1 милијарда долари. Според проценките на експертите, оваа поплава на Ханои беше една од најголемите поплави во 20. век. Истата одзеде 100.000 животи, а погоди неколку милиони кои останаа без своите домови и поседи.

 

  1. Поплавата на реката Јангце

Во 1931 година, шестата најдолга река на планетава Јангце, ја предизвика најубиствената поплава во последните два века. Од надојдената вода на овој азиски воден гигант беа погодени една четвртина од населението на Кина во тоа време, или околу 51 милиони луѓе. Поради излевањето на реката и надојдената водена стихија, животите ги загубија 3,7 милиони луѓе кои се удавија или умреа од болести и глад. Причина за поплавите беа обилните врнежи во пролетта 1931-ва, како и дополнителната вода која се слеа во регионот поради топењето на снегот во летните месеци.