По Втората светска војна, се проценува дека 2,5 милиони Источно-Германци избегале во Западна Германија. Источна Германија загуби една шестина од населението, а владата бараше најдобар начин да го спречи трансферот на луѓе од источниот во западниот дел на некогашната заедничка држава.

Тие ја затворија границата меѓу двете земји и го подигнаа познатиот Берлинскиот ѕид. Војници патролираа покрај ѕидот и имаа наредба да пукаат во секој кој ќе се обиде да избега. Ѕидот беше во голема мера ефикасен, иако многу луѓе се уште ризикуваа да бидат застрелани, додека се обидуваат да поминат во другиот дел од градот.

Историјата памети десетина храбри обиди за бекство од Источна во Западна Германија, а некои од нив и денеска се прераскажуваат. Едно од најспектакуларните бекства преку Берлинскиот ѕид се случи во 1979 година.

Петер Штрелцик и Гунтер Ветцел биле соработници и добри пријатели. Со години заеднички размислувале за начинот на кој би пребегале во Западна Германија, но на начин на кој нема да ги стават во ризик своите семејства. Во обидите да смислат прилично безбеден начин на бегство во слобода, Гунтер Ветцел преку својата сестра успеал да дојде до едно американско списание во кое забележал интересна статија за балони кои летаат со систем на топол воздух. Веднаш дошол на идеја сам да направи токму таков балон, па откако му кажал за намерата на Петер, дуото почнало да прави планови за бегство. Откако добиле конкретни информации како да го направат балонот, почнале со дизајнирање на своето „возило за бегство“. Првите два обиди за лет биле неуспешни, па и двајцата почнале да губат надеж во својата креација. Откако нивната активност почнала да биде следена од тајната полиција, немале друг избор освен да продолжат со забрзано темпо за создавање на овој летечки балон.

За среќа, третиот обид бил успешен. Некаде околу полноќ на 16 септември 1979 година, двајцата другари и нивните жени и деца тргнале од највисокиот рид во градот. Сите биле сместени во кошот над кој се издигнал големиот балон воден од топол воздух. Балонот летнал кон Западна Германија, а како што се приближувал кон границата, рефлекторите од војската се обидувале да ги уловат, но неуспешно. Балонот веќе бил многу високо до каде рефлекторите не можеле да дофрлат. Балонот летал извесно време, но наскоро останал без гас и се урнал во една од околните ливади. Неповредени, членовите на двете семејства патот го продолжиле пеш, по што биле пронајдени од локални полицајци, кои им ја потврдиле среќната вест дека паднале во Западна Германија. Настанот е екранизиран во филмот „Night Crossing“ од 1982 година во режија на Delbert Mann.