На 10-ти октомври, законодавците во Европската Унија ќе гласаат за еден опасен предлог за промени на законот за авторски права. Невладината организација Mozilla ги повикува граѓаните на Европската Унија да побараат подобри измени. Резултатот на ова гласање може да ја саботира слободата и отвореноста на интернетот како што го знаеме. Новите правила ќе овозможуваат на рутински начини да се филтрираат и блокираат содржини, а тоа може да влијае врз стотина милиони граѓани на Унијата кои секојдневно го користат интернетот.

Се поставува прашањето зошто се потребни реформи за заштитата на авторските права. Сегашните рамки на заштитата на авторските права во ЕУ се застарени, а донесени се во период кога најчест писмен начин на комуникација на луѓето беше разгледницата во поштенското сандаче, а не во актуелниот свет кога доминира електронската форма, односно кога скоро секој (дури и малите деца) е со паметен телефон во раката.

Според Mozilla фондацијата, новите правила претставуваат чекор наназад. Предлогот го има насловот “Directive on copyright in the digital single market”. Првото гласање ќе го има на 10-ти октомври, а финалното гласање би следело во декември. Според Raegan MacDonald, кој е менаџер за полисите на ЕУ во фондацијата Mozilla: „Предлогот пропишува дека филтрирањето и блокирањето на онлајн содржина ќе стане секојдневие, што ефективно ќе ја минира иновативноста, компетитивноста и слободата на изразување.“

European Parliament

Со новиот предлог, би се случиле следните ситуации:

– Доколку најопасните амандмани бидат усвоени, сé што поставувате на интернет ќе биде филтрирано и можеби блокирано. Содржината не ни мора да биде комерцијална, па доколку поставите фотографии за да можат да бидат видени од пријатели или од семејството, тие ќе бидат вклучени во процесот на филтрација или блокирање без ваша согласност.

– Поврзувањето и пристапувањето кон содржини ќе биде отежнато. Зголемувањето на заштитата на авторските права врз исечоци од вестите ќе направи рестрикција на можноста за информирање од разни извори на информации. Споделувањето и пристапувањето кон вести на итнернет ќе биде отежнато.

– Предлогот ќе тргне круцијални заштити за сајтови кои се посредници и повеќето платформи ќе бидат обврзани да ја мониторираат секоја содржина што вие ќе ја поставите, па загрозени ќе бидат сервиси како Wikipedia, eBay или сајтови за софтверски содржини како Github или DevianArt.

– Само институциите кои се занимаваат со научно-истражувачка дејност ќе можат да прават измени на текстуални содржини и збирки на податоци со научна тематика. Тоа значи дека огромен број на корисници како библиотекари, новинари и независни научници нема да смеат да користат соодветен софтвер за анализирање на голема количина на податоци, а тоа ќе ја стави ЕУ во подредена позиција од остатокот од светот.

Сајтот changecopyright.org овозможува контакт помеѓу граѓаните на ЕУ со своите парламентарни застапници во европскиот законодавен дом.