Повеќето луѓе низ светот имаат посебен ритуал на пиење кафе. Некои рано наутро, некои по добриот појадок, некои пред одење на работа…Некои пијат повеќе, некои се задоволуваат и со само едно во текот на денот.

Прашањето е: Кога е најдоброто време за конзумирање на овој популарен напиток?

Кога се чувствуваме будни, главен виновник за тоа (во физиолошка смисла) е хормонот кортизол, чии нивоа во организмот следат природен 24-часовен циклус. Највисоките нивоа на хормонот во крвта се меѓу 8 до 9 часот наутро, меѓу 12 и 13 часот напладне, како и меѓу 17.30 и 18.30 во попладневните часови. Токму во овие периоди сме будни, свежи и функционални, дури и без да посегнуваме по шољата со кафе.

Според науката пиењето на кафе во овие часови не го дава очекуваниот ефект поради едноставна причина, што нашиот мозок веќе е под влијание на својот природен “кофеин”. Дури во овие термини, „налевањето“ со кофеин може да биде само штетно, а никако корисно, велат експертите.

Затоа, периодите од 9.30 до 11.30 часот, како и меѓу 13.30 и 17.00 часот се сметаат како идеален термин за да ја задржите виталноста со шоља кафе. Во овие периоди нивото на “хормонот за будење” се најниски, а кафето е нашиот посакуван спасител.