ДНК-тестот за татковство, направен по ексхумацијата на посмртните останки на уметникот Салвадор Дали покажа дека тој не е таткото на 61-годишната Шпанка Пилар Авел, јасновитка која со години се преставува како ќерка на прославениот уметник.

Пилар Авел, на чие барање беше извршена ексхумацијата, нема биолошка врска со уметникот, соопштија од фондацијата „Гала-Салвадор Дали“ во писмена изјава, цитирајќи заклучоци на мадридски суд. Абел одамна тврди дека нејзината мајка имала кратка врска со Дали и дека таа има право на дел од неговиот имот како негова единствена ќерка. Таа поднесе барање до судот за признавање на татковство и судијата нареди ексхумација и покрај противењата на Фондацијата.

На 20 јули посмртните останки на уметникот беа ексхумирани од гробницата во Фигерас. Примероците беа дадени за анализа во Институтот за токсикологија во Мадрид и биле споредени со ДНК-та на Авел. Биолошка поврзаност меѓу нив не била утврдена.

„Ова е крај на апсурдна и вештачка полемика со која се забавуваше јавноста цело ова време“, се вели во соопштението на Фондацијата „Гала-Салвадор Дали“.