Дали „Харви“ и „Ирма“ се само едно предупредување за она што допрва не очекува? Дали мега-ураганите ќе се претворат во „нормална појава“? И дали со нив природата се одмаздува за безобразието кое ние луѓето и го правиме?

Сите овие прашања се наметнаа како тема за дискусија во научните кругови, по апокалиптичните сцени кои деновиве доаѓаат од загрозените подрачја зафатени од ураганите. Тропските циклони се рангираат со оценки од 1 до 5. И додека „Харви“ беше рангиран со оценка 4, „Ирма“ отиде чекор подалеку со својата разурнувачка моќ.

Денеска постојат докази дека тропските циклони ќе станат поинтензивни. Но, научниците се воздржуваат да тврдат дека тие ќе стануваат се почести со глобалното затоплување. Уште во седумдесетите години имаше такви периоди како сегашните со многу силни урагани, па затоа метеоролозите велат дека во моментов не се гледа некој тренд во метеоролошките случувања дека бројот на урагани е зголемен.

Она во што дел од научната јавност се сложува е дека се забележува тренд во однос на интензитетот на тропските циклони. Во 2008 година научниците од Универзитетот во Флорида откриле дека тропските циклони во Атлантикот стануваат помоќни и брзината на ветерот се зголемува значително.

„Кога температурата на морската вода се зголемува, морињата даваат повеќе енрегија за развој на тропски циклони“, стои во нивната анализа.

Разурнувањата кои ги предизвикуваат тропските циклони, стануваат се поголеми. Ураганот „Харви“ постави рекорд по огромните врнежи, а и „Ирма“ исто така постави рекорд во однос на толку високите брзини на ветрот на таков голем простор. Засега научната јавност не влегува во конкретни заклучоци околу причините за интензивирањето на тропските циклони, иако многумина се уверени дека глобалното затоплување си го прави своето.